1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партиите повикуваат на масовност на изборите

ДТЗ
3 мај 2024

СДСМ повикува на масовност „за да не се случи реприза на Груевски“, а ВМРО-ДПМНЕ посочува на индиции за полнење на гласачки кутии и за поткупување гласачи.

https://p.dw.com/p/4fTgS
избори
Партиите повикуваат на масовност на двојните избори на 8 мајФотографија: Petr Stojanovski /DW

Кампањата за двојните избори го зема последниот залет пред гласањето на 8 мај. Партиите повикуваат на масовност, порачувајќи дека бојкотот не е решение, со оглед на тоа дека за вториот круг на претседателските избори е потребен цензус од 40 отсто излезност.

„Гласајте да не се случи реприза на Груевски“

Владејачката СДСМ преку соопштение ги повика граѓаните масовно да излезат на изборите на 8 мај и да гласаат за иднината на државата. Од партијата нагласуваат дека изборот е во рацете на граѓаните, дали ќе следи „уште една лоша реприза од тоталитарното владеење на Груевски и неговата криминална екипа, или заедно со СДСМ ќе имаме слободна, просперитетна и европска иднина“.

„Потребен е силен СДСМ во Собранието, да не се дозволи повторно инсталација на режим од страна на ДПМНЕ и играње со иднината, стабилноста и безбедноста на државата. Доколку десничарска партија како ДПМНЕ добие преголема моќ, извесно е дека ќе се стави крај на европските перспективи, независните медиуми и независното судство. Тоа ќе значи враќање назад повеќе од 20 години“, порачаа од партијата. 

кампања избори
Владејачката СДСМ преку соопштение ги повика граѓаните масовно да излезат на изборите на 8 мај и да гласаат за иднината на државата.Фотографија: Petr Stojanovski /DW

„На бојкот повикуваат тие што го изгубиле компасот“

Дека бојкотот не е решение сметаат и лидерите на партиите од Коалиција Вреди. Тие на прес-конференција го обвинија ДУИ дека во страв од пораз на изборите сакаат да предизвикаат политичка криза во земјата и го повикаа претседателот на партијата Али Ахмети да одговори дали подготвуваат бојкот на вториот круг од претседателските избори.

„Во страв од поразот кој несомнено ги чека ДУИ веќе го загуби компасот. Така нивната единствена цел сега е да предизвикаат политичка криза за да ги спасат корумпираните во нивните редови обидувајќи се да продолжат со техничката влада повеќе од 100 дена“, изјави Изет Меџити прететседател на Демократското движење кое е дел од Коалицијата Вреди.

Прашан дали ќе ги повикаат нивните гласачи да поддржан еден од двајцата кандидати во трката за претседател, Меџити рече дека е тоа нивно избирачко право и нема да даваат насоки за тоа. Но, за Коалицијата Вреди бојкотот на изборите не е опција.

„На 8 мај мислам дека излезеноста ќе биде уште поголема дека претседателските се заедно со парламентарните избори. На бојкот повикуваат тие што го имаат изгубено компасот“, вели Меџити. 

Изет Меџити
На бојкот повикуваат тие што го имаат изгубено компасот, вели Меџити. Фотографија: Petr Stojanovski

„Валкан речник“

На ова реагираа ДУИ и Европскиот фронт, кои изразија загриженост за „валканиот речник на Изет и албанската опозиција“, а истовремено ги повикуваа граѓаните да не станат плен на мрачните и дестабилизирачки агенди со центар во Белград и Москва.

На изјавите на Меџити дека ќе има промени и влада не со 61, туку со над 70 пратеници, од ДУИ порачуваат дека Европскиот фронт ќе освои +20 пратеници.

И тие повикаа на масовност на граѓаните на 8 мај за да го спречат „враќањето на полициската држава и истовремено да ја заверат длабоката историска победа на ДУИ и Европскиот фронт“.

Сомнеж за полнење кутии

Но, во пресрет на изборите, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека имаат индиции за полнење на гласачките кутии на првиот круг од претседателските избори којшто се одржа на 24 април. Изјавата следи откако Управниот суд ја прифатил жалбата на коалицијата „Влен“ за гласачкото место во Липково, за што информираше Валбон Лимани од коалицијата „Влен“.

избори
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека имаат индиции за полнење на гласачките кутии на првиот круг од претседателските избори којшто се одржа на 24 април. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Имаме потврден случај дека ДУИ полнеле кутии на денот на изборите, станува збор за општина Липково за каде јасно Управниот суд донесе пресуда и каде јасно се гледа дека волјата на граѓаните не е таа која е соодветна на резултатот“, изјави Мицкоски. Според него, кутии се полнеле на уште педесеттина други такви места низ Македонија, а излезноста се зголемила наеднаш по 18 часот.

„Можам да ви кажам примери во градови како Виница, Кочани, Делчево, Берово каде владини функционери во придружба со полицајци кои се идентификуваат како полицајци имале обиди да поткупуваат дури и во верски објект“, изјави Мицкоски по посетата на Општина Бутел.